Енди Мареј објави дека тешката операција, на која се подложи, била успешна и поранешниот бр.1 во светот се надева дека ќе се врати на теренот уште во текот на летото. Ако Шкотланѓанецот навистина може да ја продолжи кариерата, тој ќе стане првиот професионален тенисер во сингл, кој има метал во колкот.
– Сакам да продолжам да играм. Го кажав тоа во Австралија. Проблемот е што не знам дали е можно. Многу среќен сум во споредба со двата месеци пред операцијата. Немам болки во колкот веќе. Долго време имав болка. Рехабилитација е бавна и оди доволно добро, само треба да почекам и да видам како ќе се одвиваат работите. Ако е можно, јас сигурно би сакал да се натпреварувам повторно, изјави Мареј во Лондон за време на спонзорски настан.
На прес-конференција пред Австралија Опен, Мареј рече дека планира да се повлече од тенисот оваа година поради болките. Но по епски натпревар, загубен во пет сета од Роберто Баутиста Агут, Мареј ја омекна својата позиција и не исклучи сепак да ја продолжи кариерата.
Шкотот беше подложен на операцијата на крајот од јануари, а сега сака да игра на „Вимблдон“. Општо земено, идејата беше, ако тој одлучи да не направи операција, Мареј да стави крај на својата кариера на „светата трева“. Сега, сепак, желбата е да се врати на теренот.
За ова да се случи, закрепнувањето мора да оди многу побрзо отколку што се очекуваше. Во случајот на Мареј, целиот зглоб не бил заменет, туку само делумно.
Во американските спортови и хокеј на мраз има случаи на спортисти, кои се вратиле на највисоко ниво, но во тенисот досега единствениот ваков случај е на Боб Брајан, кој на 40 години се врати во турнирите во парови. Во нив, сепак, напорите се многу помали од оние во сингл.