Осум лица минатата недела починале од грип. Од лицата, кои биле на возраст од 12 до 70 години, пет се од Скопје и по еден од Делчево, Охрид и Кавадарци. Сите починати имале коморбидитетни состојби, најчесто дијабетес, коронарни, хронични опструктивни заболувања, ….
Епидемиологот Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје информираше дека пет смртни случаи се пријавени од Клиничката болница „8 Септември“ од кои четворица минатата недела и еден случај бил пријавен со задоцнување од претходните недели. Две пријави се од Клиниката за инфективни болести и едно од Клиниката за детски болести.
Кузмановска рече дека од регистрираниот број на заболени од грип и заболувања слични на грип кој го достигна врвот пред минатата недела, во текот на последната недела од 25 февруари до 3 март, регистриран е помал број на заболени за 16,5 проценти од претходната недела, односно 2.678 или вкупната бројка од целата сезона која ја опфаќа 2018/2019 година е 15.200 заболени од грип што претставува пониска бројка од вкупниот број заболени од минатата сезона.
-Најголем број од заболените се лица кои припаѓаат на најголемата возрасна група од 15 до 64 години кои опфаќаат повеќе од 60 проценти, појасни Кузмановска.
Во текот на минатата недела во Институтот за јавно здравје биле пристигнати 100 примероци за кои била поставена индикација дека можно е да се болни од грип.
-Од материјалите повеќе од 50 проценти се потврдени како инфлуенца. Вкупната бројка на тестирани во текот на оваа сезона 544 од кои 293 се лабораториски потврдени. Во Македонија од вкупниот број потврдени инфлуенца вируси, најголем процент, скоро 80 проценти се работи за вирусот на инфлуенца тип А од под тип Х1 Н1 што беше пандемски во 2009 во 2010, а сега се смета за сезонски, останатите 11 проценти отпаѓаат на Х3 Н2 грип и околу девет проценти се несуптипизирани. Во моментов воопшто нема потврдено присуство на инфлуенцата на тип Б вирусот во Македонија, истакна Гроздановска.
Според неа, грипот можно е да изненади со нов бран, бидејќи како што рече, вирусот на инфлуенца е подложен на многу надворешни промени во генетската и антигенската структура.