Пилотот на Дукати, Андреа Довициозо се избори за победата под рефлекторите во денешното Гран При на Катар, прва трка од сезоната 2019 во МотоГП. Дови стартуваше од втората позиција, зад победникот на вчерашните квалификации Маверик Вињалес со Јамаха, и по многу силно возење успеа да ја грабне победата во последната обиколка, со предност од само 0.023 сек. пред второпласираниот Марк Маркез.

Во борбата за победата до самиот финиш беа цели петмина пилоти, а секој од нив имаше своја шанса за победа денес.

На последното, трето место на почесниот подиум во Катар беше Кал Крачлоу, кој стартуваше шести, за екипата на Хонда Кастрол. Пилотот на Сузуки, Алекс Ринс заврши четврти.

Валентино Роси покажа многу подобро темпо од квалификациите вчера, а од незавидната 14-та позиција на почетокот, успеа да си го пробие патот до челото, завршувајќи петти во финишот. Легендарниот Италијанец заврши нешто повеќе од половина секунда зад победникот на денешната трка, што покажува колку неизвесна беше битката во Катар.

Маверик Вињалес, клубскиот колега на Роси во Јамаха, кој ја освои пол-позицијата во вчерашните квалификации, денес заврши само седми, зад шестиот Данило Петручи со Дукати.

Трикратниот светски шампион, Хорхе Лоренцо успеа да стигне до само 13-тата позиција во својот деби натпревар за тимот на Хонда.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2019 02:09