Велика Британија ќе биде претставена од повеќе жени отколку мажи на Олимписките игри во Токио во 2020 година. Оваа прогноза беше направена од страна на лидерот на делегацијата, Марк Ингланд, пред „Би-Би-Си“.
Досега Британија секогаш испраќала повеќе мажи на Олимписките игри, но Ингланд очекува овој тренд да се наруши идното лето.
– За прв пат се чини дека ќе имаме повеќе жени во тимот на Велика Британија за Токио. Во овој состав има некои ексклузивни атлетски таленти. Ние имаме фантастични модели за имитација во спортот кај дамите – повеќекратни олимписки шампионки како Хедер Станинг и Хелен Гловер, Џејд Џонс и Никола Адамс. Освен тоа сите ја сакаат Џесика Енис-Хил и овие девојки имаат огромно влијание врз тоа да ги инспирираат младите, вели Ингланд.
На претходните Олимписки игри во Рио де Жанеиро, 44 проценти од спортистите, кои ја претставуваа Велика Британија, беа жени. На бразилска земја британскиот тим освои 27 златни, 23 сребрени и 17 бронзени медали, а сега Ингланд се надева успехот да биде повторен.