Селекторот на Србија, Александар Ѓорѓевиќ, повторно ќе работи на ниво клуб. 51-годишниот легендарен плејмејкер се ангажира со задача да го внесе Виртус (Болоња) во плеј-офот на италијанското првенство, откако во моментот славниот тим се наоѓа на десеттото место во Серија „А“, а до крајот на сезоната има уште девет натпревари.
На тренерската позиција во Виртус тој ќе го наследи Стефано Скрипанти. Ѓорѓевиќ помина речиси една година без работа како клупски тренер, откако во март 2018 беше ослободен од Баерн (Минхен) и во последните 12 месеци беше концентриран само на селекцијата на Србија.
Италија не е непозната територија за Спортистот број 1 на Југославија од 1995 година. Саша помина шест и пол сезони на Апенините како играч, настапувајќи последователно за Олимпија (Милано), Фортитудо (Болоња), Скаволини (Пезаро) и уште еднаш Олимпија.
Во својата кариера крај аут-линијата пак, запиша две сезони на чело на Олимпија (Милано) и Бенетон (Тревизо).