Британската премиерка Тереза ​​Меј изјави дека длабоко жали за својата одлука да побара од ЕУ одложување на Брегзит и истовремено ги повика пратениците, кои веќе двапати го отфрлија нејзиниот план, овој пат да го поддржат.

– Ова одложување е нешто за што јас лично длабоко жалам, рече таа во обраќањето во нејзината резиденција во Даунинг стрит.

Меј истакна дека искрено се надева оти пратениците ќе најдат начин да го поддржат договорот за напуштање на Унијата, кој таа го договори со ЕУ и кој е одраз на волјата на граѓаните на референдумот и, како што оцени, е најдобриот можен договор.

Таа истакна дека ќе продолжи да работи секој ден за да обезбеди поддршка за тој договор.

– Јас, сепак, не сум подготвена да побарам одложување на Брегзит по 30 јуни, потенцира британската премиерка.

Меј во средата побара од Европската унија одложување на Брегзит до 30 јуни.

Таа во писмото упатено до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, во кое побара одложување, наведе дека има намера и по третпат да се обиде да обезбеди договорот за Брегзит да биде усвоен во британскиот Парламент.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2019 09:55