Поранешниот број 8 на светската листа, Јанко Типсаревиќ (Србија) ја постигна својата прва победа на АТП турнир од август 2017 година. Типсаревиќ победи против претставникот на домаќините Бредли Клан со 6:3, 6:3 на стартот на турнирот од серијата „Мастерс“ во Мајами. 34-годишниот Србин, кој е 453-ти во светот во моментов, игра во својот трет турнир сезонава, откако ја пропушти целата 2018 година заради операции на тетивите на двете колена.
Поради повредите, Типсаревиќ, кој учествува во Мајами за прв пат од 2013 година, го користи таканаречениот „заштитен ранкинг на АТП“, а во вториот круг тој ќе се соочи со број 22 во шемата, Роберто Баутиста Агут (Шпанија).
Полјакот Хуберт Хуркач кој минатата недела стигна до четвртфиналето на првиот сезонава „Мастерс“ во Индијан Велс, го победи Италијанецот Матео Беретини со 6:4, 6:3 и во втората рунда го очекува третиот во шемата, Австриецот Доминик Тим кој ја освои титулата во Индијанаполис.
Германскиот ветеран Миша Зверев спаси 8 меч топки и го елиминира учесникот со „вајлд карта“ Никола Кун (Шпанија) со 4:6, 7:5, 2:2 и откажување на противникот поради сериозни мускулни грчеви.
Кун, 255-ти во светот, имаше предност од сет и 5:2, но на два пати пропушти да го затвори натпреварот при сопствен сервис, а со серија од пет последователни гема, Зверев израмни. 19-годишниот Шпанец направи брејк за за 2:1 во третиот дел, но Германецот веднаш го врати брејкот, по што Кун се откажа.
Ривал на Зверев во вториот круг ќе биде број 17, Николоз Басилашвили (Грузија).