Македонските спортисти за учевство на светските летни олимписки игри на Специјалната олимпијада, што се одржуваат од 8 до 22 март во Абу Даби, добија финансиска поддршка од Цементарница УСЈЕ.
Главениот извршен директор на Цементарница УСЈЕ Борис Хрисафов изјави дека ваквиот вид поддршка е составен дел од нивната долгорочна стратегија за општествено одговорно делување која произлегува од нивната корпоративна култура и желба да ѝ помагаат на заедницата, а во тие рамки и на лицата со посебни потреби, на кои секој вид поддршка им е особено драгоцена и дека финансиската поддршка се состои од сет од спортска опрема.
Инаку, македонските репрезентативци во рамките на Специјалната Олимпијада, освоија седум медали и тоа: три златни, еден сребрен и три бронзени. Бронзен медал освои кошаркарската репрезентација, а златен медал освоија пливачите Марио Мицковски и Стефан Трпковски во категоријата пливање на 50 метри. Мицковски освои и втор златен медал во категоријата 25 метри грбно пливање. Атлетичарот Адриан Шабани освои еден сребрен и еден бронзен медал, во трката на 25 и 50 метри, а атлетичарката Сара Дураку освои бронзен медал во трката на 100 метри.
Организатор на настапот на спортистите од нашата земја на овие олимписки игри е организацијата „Специјална Олимпијада Македонија“, која уште од 2004 година посветено работи на поттикнување и инклузија на лицата со посебни потреби преку спортот. На претходните учества на овие олимписки игри, македонските спортисти постигнуваа одлични резултати и освојуваа медали, кои придонесуваат за афирмација на нашата земја.