Според првичните проценки, штетите од катастрофалните поплави што ја погодија американската сојузна држава Небраска изнесуваат над 1,4 милијарди долари, јави Си-Би-Ес.

Оштетени се мостови и автопатишта, а голема штета е нанесено и врз земјоделските површини и фармите во регионот. Штетите само врз инфраструктурата се во висна од 450 милиони долари.

Како што изјави гувернерот на Небраска, Пит Рикетс, поплавите зафатиле околу три четвртини од територијата на државата.

Земјоделскиот сектор на државата посебно настрада со повеќе од 800 милиони долари загуби. Уништени се повеќе од 2.000 куќи и стотици претпријатија, изгубени се илјадници глави добиток, а има штети и врз инфраструктурата за водоснабдување, мостовите и патиштата.

Според метеоролозите, врнежите ќе продолжат и во наредните денови, затоа ситуацијата може да се влоши и реалните показатели за загубите значително да пораснат.

– Се фокусираме на безбедноста на луѓето и спасувачките операции продолжуваат, изјави Рикетс.

Според него, оваа природна катастрофа е можеби една од најлошите што ја имаат погодено државата. За надминување на последиците од поплавите беа ангажирани повеќе од 200 членови на Националната гарда.

Топењето на снегот и неодамнешните поројни дождови доведоа до излевање на Мисисипи, Mисури и други реки, што предизвикаа рекордни поплави во западниот дел на САД, особено во државата Небраска. Вонредни состојби се прогласени во државите Ајова, Јужна Дакота, Висконсин и Небраска. Според најновите информации, во полпавите загинаа три лица.

Небраска неделава ја посети и американскиот потпретседател Мајк Пенс.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2019 19:09