Тимот на Хјустон Рокетс го надигра дома Сан Антонио Спарс со 111:105 во средба од регуларниот дел од сезона на НБА.
Домаќините почнаа подобро средбата и поведоа со цели 12 поени по крајот на првата четвртина – 36:24. Во втората тие ја зголемија предноста, која достигна 19, а на големиот одмор заминаа со +15 – 62:47.
Паузата се одрази добро на Спарс, кои се вратија во дуелот, освојувајќи го третиот дел со 34:19. Во решавачката сепак тие немаа одговор за ѕвездата на „ракетите“ Џејмс Харден и загубија на крајот натпреварот.
Најпрецизен за победниците беше токму „брадата“, кој реализираше 61 поен, со што го израмни претходното највисоко достигнување во еден натпревар.
Американскиот кошаркар постигна 27 поени во првата четвртина и три последователни тројки во решавачката четвртина, за да даде предност на својот тим пред тимот на Грег Поповиќ. Крис Пол додаде 18 поени за успех.
За гостите, Брин Форбс забележа 20 поени, а Дерик Вајт додаде 18, но тие се покажаа крајно недоволни за комшиите од Тексас.
Хјустон поведе со две победи пред четвртиот во Западната конференција Портланд Трејлблејзерс, додека поразот го турна Сан Антонио до осмото место на Западот.
Во следните дуели „ракетите“ гостуваат на Њу Орлеанс Пеликанс, а Спарс патуваат до Бостон за посета кај Селтикс.
Резултати од НБА:
Орландо – Мемфис 123:119 по продолжение Кливленд – Лос Анџелес Клиперс 108:110 Њујорк – Денвер 93:111 Торонто – Оклахома Сити 109: 116 Хјустон – Сан Антонио 111:105 Милвоки – Мајами 116:87 Лос Анџелес Лејкерс – Бруклин 106:111.