Блер хаус – наполни 195 години, а како да не старее. Не е потребно ниту трошка шминка да се прикријат годините што оставиле трага врз куќата на претседателот на САД, во која тој ги пречекува лидерите од цел свет.
Ѕидовите на куќата, натрупани со историја, чуваат бројни спомени за луѓе, настани и војни што ја претставуваат Америка.
Некогаш приватна резиденција, низ оваа куќа поминале политичари и претседатели од Ендрју Џексон, преку Абрахам Линколн, до сегашниот претседател Доналд Трамп.
„Секоја соба во Блер хаус со себе носи посебна приказна. Верувам дека многумина ќе кажат дека собата на претседателот Линколн е најисториска, бидејќи Линколн поминал многу време во неа работејќи со семејството Блер“, вели кустосот Кендис Шајермен, која речиси две децении се грижи за куќата.
Изградена во 1824 година, Блер хаус станува центар на политиката во Вашингтон, кога судскиот помошник од Кентаки, Францис Престон Блер, бил повикан од претседателот Ендрју Џексон да го преобрази локалниот весник во распаѓање „Глоуб“ во прва провладина публикација, која ќе известува позитивно за администрацијата.
Кусо потоа оваа куќа станува негов дом.
„Тој беше одличен уредник и стана многу доверлив советник на претседателот. Многу луѓе од политичкиот свет почнале да доаѓаат во куќата за да разговараат со него за дневните настани. Блер подоцна станува близок советник и на претседателот Линколн“, објаснува Шајермен.
Но, како Блер хаус всушност станува официјална гостинска куќа на претседателот?
„Има многу интересна приказна што Франклин Јуниор ја споменува во автобиографијата за неговите родители. Винстон Черчил многу често доаѓал во Белата куќа за време на Втората светска војна. Една ноќ се разбудил и со наметка и пура тргнал да го бара претседателот. Тогашната прва дама Елеонор налетала на него во ходник и побарала разговорот да почека до утрото. Следниот ден таа го поттикнала претседателот да ја купи Блер хаус и да ја направи куќа за гостите“, раскажува Шајермен.
Оттогаш многу договори се постигнати и потпишани во оваа куќа, особено трговски договори и меморандуми за соработка.
Најзначаен прием, пак, од историски настан е на кралицата Елизабета Втора и принцот Филип, по повод 400 години од Џејмстаун, првата британска населба во Америка.
„Одлуката да се влезе во војна со Кореја беше донесена на оваа маса и на овие столови“, покажа Шајермен.
Блер хаус има над 120 соби. Уредени се со мебел што Владата го купила од семејството Блер, збогатен со антиквитети, декоративни уметнички дела, историски аретфакти и подароци од гостите кои поминале низ куќата за време на 14 администрации.
Куќата е домаќин и на избраниот претседател утрото пред инаугурацијата, кој отвора книга за гости на новата администрација, традиција што ја почнал претседателот Џими Картер во 1977 година.
Собата на Труман, пак, денес им користи на гостите да одморат од состаноците, а истата соба ја користела и поранешната прва дама Ненси Реган за време на погребот на нејзиниот сопруг.
Линколн бил првиот претседател кој поминал низ оригиналниот под на влезот на Блер хаус, поставен уште во 1860 година, а досега низ него поминале над 800 светски лидери.
Додека престојуваат во куќата, во знак на добредојде и гостопримливост, Блер хаус го заменува американското знаме со знамето на нивната држава.
24 март 2019 Гласот на Америка