Владејачката конзервативна партија Сила на народната држава (ППП) и опозициската популистичка Партија на Тајланѓаните (ПТП) водат неизвесна битка за победа на денешните први парламентарни избори во Тајланд по државниот удар во 2014 година.

Како што соопшти Централната изборна комисија, по преброени 95 отсто гласачки ливчиња, владејачката ППП на премиерот Прајут Чан-оча освоила најмногу гласови, но опозициската ПТП победила во повеќе изборни единици каде пратениците се избираат според мнозинскиот модел.

Врз основа на овие резултати, ПТП освоила 140 пратеници, а ППП 139. Места во 500-члениот Парламент освоиле уште десетина партии, од кои социјалдемократската Партија на новата иднина (ПАМ) – 83, конзервативната Партија на тајландската гордост (БП) – 53 и либералната Демократска партија (ПП) – 40. Останатите партии добиле меѓу едно и девет пратенички места.

Аналитичарите проценуваат дека ваквите резултати му даваат солидни шанси на премиерот Прајут Чан-оча да ја задржи премиерската функција.

Тајланд е под директна воена управа од државниот удар во 2014 година, кога Армијата под водство на тогашниот командант Прајут Чан-оча, ја урна Владата предводена од соработниците на поранешниот премиер Таксин Шинаватра. Тој беше сменет од премиерската функција со државен удар по изборите во 2001 година, по што замина во егзил, но неговата партија Тајланѓаните сакаат тајландско (ПТР) и нејзините наследнички, Партијата на народната волја (ППП) и Партијата на Тајланѓаните (ПТП) победуваа на четирите наредни избори до 2011 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2019 01:30