„Целосно ослободување“, напиша на Твитер американскиот претседател Доналд Трамп по објавувањето на главните наоди од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за наводно руско мешање во американските претседателски избори во 2016 година.
Белата куќа реагираше слично, соопштувајќи дека извештајот на Малер е „целосно ослободување“ на Трамп.
Секретарот за печат на Белата куќа соопшти дека Малер не нашол никакви докази за соработка на луѓето од кампањата на Трамп со Русите, ниту дека Трамп за време на истрагата ја опструирал правдата.
Личниот адвокат на Трамп Руди Џулијани истакна дека наодите се „подобри отколку што очекувал“.
Наодите од истрагата, кои американското Министерство за правда ги претстави пред Конгресот, укажуваат дека ниту Трамп, ниту неговите соработници, не соработувале со Русија.
Истрагата на Малер „не е доволна за да се утврди“ опструкција на правдата од страна на претседателот на САД, изјави државниот обвинител Вилијам Бар и додаде дека Малер тоа му го препуштил на Министерството за правда.
Претседавачот со Правосудниот одбор на Конгресот, демократот Џеролд Надлер, на Твитер напиша дека ќе го повика Бар да сведочи „поради многу сериозни противречности во конечното донесување на одлуките“ во Министерството за правда на САД.
Надлер смета дека наодите „јасно и експлицитно не го ослободуваат“ Трамп од обвиненија опструкција на правдата.
Според него, американската Влада ќе мора да докаже дека Трамп не се обидел да ја опструира правдата.
Од друга страна, претседавачот на Правосудниот одбор на Сенатот, републиканецот Линдзи Греам изјави дека со објавувањето на наодите од извештајот на Малер „најпосле е отстранет облакот кој се надвисна над претседателот Трамп“.
Истрагата на Малер траеше 22 месеци. Наодите од неа Бар ги сумираше во писмо на четири страници испратено до Конгресот.
Трамп од самиот почеток отфрлуваше секаква поврзаност на луѓето од неговата претседателска кампања со Русија, оценувајќи дека и самата истрага претставува „лов на вештерки“.