Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека Грузија ќе се приклучи на Сојузот и покрај спротивставувањето на Русија.

– Сите 29 сојузници јасно наведоа дека Грузија треба да стане членка на НАТО. Ќе продолжиме заедно да работиме на подготовката за прием на Грузија во Алијансата, изјави Столтенберг на конференција со грузискиот премиер Мамука Бахтадзе.

Според него, НАТО „нема да прифати Русија или која било друга сила да одлучува кој може да биде член“.

Москва смета дека евентуалниот влез на Грузија во НАТО е мешање на Запад во нејзината сфера на влијание.

Лидерите на НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година оценија дека Грузија планира да влезе во Сојузот, но досега не е покренат процес на пристапување.

Бахтадзе на конференцијата рече дека Русија „нема право да го ограничува изборот на суверена земја со кој ќе прави безбедносни аранжмани“.

– Пристапувањето на НАТО е избор на грузискиот народ и е впишано во нашиот устав, рече Бахтадзе.

Столтенберг пристигна во Тбилиси за да присуствува на заедничката воена вежба на Грузија и НАТО. Маневрите почнуваат на 18 март и ќе траат 12 дена.

Грузија и Русија во август 2008 година имаа петдневна војна, почнувајќи со грузиски напад на сепаратистичката Јужна Осетија.

Судирот е завршен со мировен договор, а Москва на 26 август 2008 година ја призна независноста на Абхазија и Јужна Осетија, каде и натаму има силно воено присуство. Грузија тоа го смета за окупација.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев минатата година изјави дека влезот на Грузија во НАТО „може да предизвика внатрешни немири“.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2019 14:43