Македонскиот каратист Емил Павлов оствари уште еден голем успех на Европските првенства.

– Најдобриот спортист на Македонија за 2018 година ја доби борбата против Романецот Флорин Гоголоси со 3-2 и го освои бронзениот медал на 54-то европско првенство во Гвадалахара, Шпанија. Иако противникот прв ги освои првите 2 поена во првата половина од борбата, Павлов со смиреност својствена на најголемите шампиони, одлична тактика и психолошка стабилност во втората половина од борбата со три брзи акции успеа да освои три поени и да се избори за голем пресврт. На крајот со својот четврти медал на европските сениорски првенства го повтори успехот од Монпелје 2016 година, соопштија од Карате федерацијата на Македонија.

Борба за бронзен медал имаше и Пулексенија Јованоска, која во кати мина три круга и се спротивстави на Французинката Александра Ферас. Според новиот бодовен систем, на крајот Јовановска за нијанса не успеа да освои медал откако заврши со 25.46 поени а нејзината противничка со 26.08 поени и со тоа го повтори својот најдобар сениорски резултат од Монпелје 2016 година, кога исто така се пласираше на 5. место.

Од другите наши натпреварувачи на ЕП во Гвадалахара, позначајни резултати забележаа Берат Јакупи, кој по три победи во категорија – 84 килограми беше сопрен во четвртфиналето и немаше шанса да се бори во репасаж.

Во женска конкуренција Наташа Стефановска оствари 2 победи и пораз, но и таа не доби репасаж. Екипно, машкиот тим во борби постигна 2 победи и пораз, а девојките екипно имаа по една победа и пораз.

На ЕП во Гвадалахара настапија рекордни 508 каратисти од 51 земја.

За нашите каратисти и за КФМ е особено важно што продолжија со континуитетот на освојување медали на континенталните првенства. Следното 55 по ред европско првенство ќе се одржи во Баку, Азербејџан од 26 до 29 март 2020 година, што ќе биде последно големо натпреварување пред Олимписките игри во Токио, информираат од КФМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2019 03:14