Историски ден за Ферари, откако Мик Шумахер го направи својот прв тест за тимот денес. Тоа се случи повеќе од 12 години по последниот старт на неговиот татко Михаел за „црните коњчиња“ во Формула 1.
Дваесет-годишниот наследник на иконата во моторните спортови направи деби тест во Бахреин, а подоцна во текот на денот ќе ги вози болидите на Ферари и Алфа Ромео.
Младиот Шумахер е возач на Формула 2, откако го направи своето деби изминатиот викенд токму на патеката во арапското кралство.
Рекордерот по титули, Михаел Шумахер го освои првото издание на Големата награда на Бахреин во 2004 година. Тој освои пет од вкупно седумте титули со Ферари меѓу 1996-та и 2006-та година, а сега сите ги вперија погледите во неговиот син, очекувајќи да ги повтори неговите успеси во спортот.