Светскиот шампион за 2016 во Ф1, Нико Розберг верува дека Ферари ќе имаат проблеми во справувањето со конкуренцијата меѓу Леклер и Фетел, ако Шарл продолжи да го победува Себастијан. Четирикратниот светски шампион не успеа да се качи на подиумот во првите две трки од новата сезона и е едвај петти во генералниот пласман со 22 поени, зад клубскиот колега, Верстапен од Ред Бил и Хамилтон и Ботас од Мерцедес.

– Ќе биде интересно како ќе успеат да управуваат со тимот, особено ако Шарл продолжува да покажува таква брзина и темпо. Ако Леклер продолжува да биде толку брз, тој секогаш ќе го предизвикува Себастијан и ќе биде многу тешко, смета Розберг.

Шефот на „скудерија“ Матија Биното претходно изјави дека Фетел ќе има приоритет како поискусен и поуспешен. Само што Себ имаше слаба трка во Бахреин, заостана три десетинки во квалификациите, имаше вртење за време на трката и остана петти, иако Ферари имаа најдобар пакет.

Нико Розберг додаде дека ако Леклер стане фаворит за освојување на шампионатот, тогаш ова нема да биде проблем само за Фетел.

– Ако има проблем за едниот пилот, тогаш тоа станува проблем за целиот тим, вели поранешниот Ф1 шампион.

Нико е на мислење дека неговиот сонародник сé уште не ги надминал грешките од минатата сезона кога загуби од Луис Хамилтон.

– Тој е четирикратен светски шампион. Во спортот една трка може да смени се. Сигурен сум дека тој е во состојба да се врати брзо. Доволно е да победи во трката во Кина – тогаш сè ќе се промени и тој ќе ја врати самодовербата, заврши екс пилотот на „сребрените стрели“.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2019 16:48