Екипата на Лос Анџелес клиперс рано утрово го победи шампионот Голден стејт на негов терен со 135:131, во вториот натпревар од серијата од првиот круг на НБА плејофот. Моменталниот резултат во серијата прв до четири победи е 1-1.
Домаќините добро го отворија натпреварот и по првата четвртина имаа осум поени предност (33:25). На полувреме „воините“ отидоа со големи +23 (73:50). Сепак, тимот од Лос Анџелес не се предаде и со одлична игра во вториот дел од натпреварот направи голем резултатски пресврт. Најпрво ја доби третата четвртина со 44:35, а во последниот 12 минути даде 41, а прими само 23 поени за конечен успех.
Најефикасен играч во победничкиот тим беше Лу Вилијамс со 36 поени. Во поразениот состав се истакна Стеф кари со 29 поени.
Следниот натпревар ќе се одржи во Лос Анџелес на 19 април.
Претходно во текот на ноќта, Филаделфија беше убедлива против Бруклин со резултат 145:123 и изедначи на 1-1 во победи.