Авганистанската Влада денеска го објави составот на нејзината делегација за преговорите со талибанските бунтовници посветени на изградба на мерки на доверба, предвидени за од 19 до 21 април во катарскиот главен град Доха.

Како што јави ДПА, на листата се наоѓаат имиња на 250 делегати, меѓу кои и владини претставници, истакнати авганистански политичари, поранешни џихадистички лидери и граѓански активисти. Од вкупниот број делегати 37 се жени.

Првата средба на авганистански политичари и талибанците се одржа во февруари во Москва, но на неа не присуствуваа претставници на Владата во Кабул.

Ова ќе биде првпат талибанците да прифатат средба со претставници на Владата во Кабул, која ја сметаат за американски марионетски режим и досега одбиваа да преговараат со неа.

Напоредно со овие разговори, талибанците од минатото лето одржаа шест средби со претставници на САД со цел да се најде политичко решение за 18-годишната војна во Авганистан. Следната рунда американско – талибански преговори е предвидена за крајот на април во Доха.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/04/2019 14:33