Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху обезбеди поддршка од мнозинството во Кнесетот, откако уште четири партии, во текот на официјалните консултации со израелскиот претседател Рувен Ривлин, предложија тој да формира влада.
Сега Нетанјаху има поддршка од 65 пратеници од вкупно 120 во Кнесетот. Неговиот главен политички опонент Бени Ганц доби поддршка од 45 пратеници.
Се очекува Нетанјаху да формира коалиција во која неговата конзервативна партија Ликуд ќе има 35 или 36 пратеници, ултраортодоксната верска партија Шас – осум, Обединета тора на јудеизмот – седум или осум, Унијата на десничарски партии – пет, партијата на центарот Кулан со четири и националистичката партија Израел наш дом – пет пратеници.
Официјалните резултати од изборите ќе бидат објавени утре.
Ривлин оцени дека ниту еден друг кандидат не би бил во состојба да обезбеди мнозинство.
Консултацијата на претставниците на партиите со претседателот на Израел почнаа вчера, а денеска завршуваат. Консултациите првпат беа пренесувани во живо на телевизија.
Претседателот на Израел својата одлука ќе ја соопшти утре вечер кога Централната изборна комисија ќе ги достави официјалните резултати. Откако Ривлин ќе го додели мандатот, во рок од 28 дена треба да се формира влада, но има можност и за продолжување на рокот од две недели.
Нетанјаху непрекинато е премиер веќе 10 години, а сега е во можност вкупно петтипат да биде на таа функција со што ќе го надмине првиот претседател на израелската влада, таткото на нацијата, Давид Бен Гурион, кој раководеше со Израел 13 години и 127 дена.