Означен е крајот на проектот за зачувување на материјалното и нематеријалното културно наследство во општините Белица и Македонска Каменица. Проектот што е финансиран преку Интерег ИПА програмата на Европската Унија се реализираше како партнерство меѓу Културно-информативниот центар „Романса“ од Македонска Каменица и Народното читалиште „Георги Тодоров 1885“ од Белица, Бугарија.

На средбата со Маја Падарева, директор на Народното читалиште во Белица и градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, изразија задоволство што проектот резултираше со набавка на нов кино-проектор што денеска и официјално беше пуштен во употреба.

– Со набавката на новата опрема за киносалата во Македонска Каменица и со реконструкцијата на зградата на Народното читалиште „Георги Тодоров 1885“ во Белица, се обезбедени подобри услови и неопходна опрема за зачувување и презентација на културното наследство во двете општини. Ме радува што проектот „Реставрација на места со историско и културно значење и зачувување на материјалното и нематеријалното културно наследство во Белица и Македонска Каменица“ отвори нови хоризонти за двете општини, кои во иднина ќе работат на зајакнување на соработката и во други области, истакна Стаменкова.

Проектот, додаде, најпрвин почна со изградба на нов Дом на култура во Македонска Каменица.

Во рамки на активностите што беа финансирани преку ИПА програмата, комплетно беше реконструирана старата киносала во Македонска Каменица, додека со финансиски средства од Светска банка, проектот е финализиран со набавка на новиот кино проектор и техничка опрема за потребите на Културно-информативниот центар „Романса“.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/04/2019 16:48