Триесетина такси возила се очекува да се лиценцираат во Велес до крајот на годинава, со што бројот на легални таксисти во градот би бил речиси ист како лани, информираат од општината. Во моментов во Велес има 130 лиценцирани таксисти и 110 кои возат на диво. Лани лиценцирани биле 155, а во 2017 година 152 такси возила.
Таксистите се жалат до општината дека немаат доволно паркинг простор и за узурпирање на нивните такси стојалишта од други возила. Реагираат и до полицијата дека поради тоа често добиваат казни, а и за други ситни прекршоци често се мета на високи казни. Велешките таксисти преку нивнито легално „Такси Здружение“ бараат бенифиции од државата зашто поради високата конфигурација на градот со тесни, дотраени и оштетени улици секојдневно им се кршат, оштетуваат и расипуваат такси возилата и затоа, како што велат, едвај егзистираат.
На последната дебата што Општина Велес ја организира за решенијата во сообраќајот во градот, градоначалникот Аце Коцевски ги повика таксистите без лиценца да се лиценцираат и станат легални такси превозници.
Од МВР најавија таксисти во државава наскоро да добијат и жолти такси таблички, а освен општинскиот инспектор за сообраќај, нивната регуларност да ја следи и полицијата.