Постапката за набавка на мамограф за здравствениот дом „Димитар Арсов“ во Крива Паланка, ќе започне во следните неколку недели, а оваа услуга ќе им биде достапна на сите жени од овој регион, најави министерот за здравство Венко Филипче при денешната посета на кривопаланечката болница.

Филипче се сретна и со директорот на здравствениот дом, Бранко Стаменковски, како и со стручниот кадар лекари специјалисти и здравствени работници, со кои разговараше за потребите и можностите за унапредување на работата на домот и услугите за пациентите.

– Имавме конструктивни разговори денеска, како и претходно. Во изминатиот период набавивме нов ЕКГ и рендген апарат. За само два месеци, услуги за рендген снимање се пружени на околу 1.300 пациенти, што е значајно. Разговараме и за тоа како дополнително да ја унапредиме работата на болницата, веќе во следните неколку недели ќе почне постапката за набавка на мамограф, оваа услуга ќе им биде достапна на жените од овој регион,за потребите од набавка на ново санитетско возило за транспорт на пациенти и за тоа колку доктори ќе бидат вработени со новата мерка од измените на законот за здравствена заштита, изјави Филипче.

Најави дека новата мерка од измените на законот за здравствена заштита предвидува сите млади лекари кои ќе го завршат стажот на лекарската комора и ќе се стекнат со лиценца, по автоматизам ќе бидат примени на работа.

– Сите млади лекари кои ќе го завршат стажот на лекарската комора и ќе се стекнат со лиценца, по автоматизам ќе бидат примени на работа и тоа ќе биде платена позиција во износ на просечна плата во нашата земја и тие лекари ќе бидат вработени во службата на итна медицинска помош, во националните пунктови и во патронажните сервиси. Непосредно по вработување на овие млади лекари ќе се реализира и патронажната служба во селата, бидејќи таму има амбуланти, но тие се празни, така што непосредно, здравствени услуги ќе добијат и жителите на руралните средини, додаде Филипче.

Тој ги демантира гласините што проструиле во периодот на предизборната кампања дека овој здравствен дом ќе се приватизира.

Дополнителна помош и унапредување на работата на домот, како што рече, се и неколкуте веќе одобрени специјализации за лекарите од здравствениот дом „Димитар Арсов“, а нови, најави, ќе бидат одобрени веќе во септември годинава.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2019 03:15