Додека многу аналитичари сметаат дека влошувањето на односите меѓу Русија и САД има обележја на „нова Студена војна“, врховниот командант на НАТО за Европа Куртис Скапароти се залага за поголема соработка меѓу двата нуклеарни ривали.

Скапароти ги повика американските функционери да бараат повеќе да комуницираат со руските колеги.

– Тоа би обезбедило да се разбираме едни други и зошто го правиме тоа што го правиме, рече Скапароти, генерал на американската армија со четири ѕвезди.

Тој додаде дека не мора многу да разговараат, но нагласи дека комуникацијата е многу важен дел од тактиката за одвраќање од напад.

– За време на Студената војна, ги разбиравме меѓусебните сигнали. Разговаравме. Загрижен сум дека денес не ги познаваме толку добро, рече Скапароти, кој командуваше со американските сили во Босна и Херцеговина, Авганистан и Ирак.

Русија претходно неделава укажа на влошување на односите со НАТО, кој ги прекина врските со Москва како одговор на нејзината одлука да го анектира Крим во 2014 година.

– НАТО ја напушти позитивната агенда во своите односи со Русија. Таа не постои, рече во понеделникот заменикот на рускиот министер за надворешни работи Александар Грушко.

Александар Грушко Тој го предупреди НАТО да не влегува во воен судир со Русија додавајќи дека „сите разумни луѓе се надеваат оти тоа нема да се случи“.

Покрај Украина, Москва и Вашингтон имаат низа спорови, кои им наштетуваат на односите меѓу двете земји, како што се обвинувањата за наводното мешање на Русија во претседателските избори во САД 2016 година, полемиките околу Договорот за нуклеарни сили со среден дострел, американските санкции…

Русија подолго време се жали дека НАТО сака да ја поткопа нејзината безбедност и да ја „опколи“ со низа „непријателски американски сојузници и клиенти“.

Од крајот на Студената војна во 1990 година, 13 руски соседи станаа членки на НАТО, со што е обезбедена позадина за дополнителни непријателства, коментира „Раша Тудеј“.

Џејмс Ставридис Пензионираниот адмирал Џејмс Ставридис вели дека дијалогот е клучен за да се промени текот на односите.

– Во опасност сме да се сопнеме и да се вратиме во ерата на Студената војна, и тоа никому не е од корист. Без постојано ангажирање на политичко ниво меѓу одбранбени установи, ризикот од нова вистинска Студена војна постојано се зголемува, рече Ставридис.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2019 12:17