Според првите прелиминарни резултати од претседателските избори во Индонезија, актуелниот шеф на државата Џоко Видодо води за меѓу 10 и 12 отсто од гласовите во однос на својот ривал, поранешниот генерал Прабово Субианто.
Таквите резултати се во согласност со истражувањата на јавното мислење, кои предвидоа дека Видодо е на пат да освои втор петгодишен мандат.
Резултатите се врз основа на таканареченото „брзо пребројување“ на организациите за истражување, кои користат примерок од избирачките места, и се покажаа како веродостојни на претходните избори.
Откако биле преброени меѓу 40 и 50 отсто од примероците од избирачките места, четири организации за испитување на јавното мислење објавија дека Видодо освоил меѓу 54 и 56 отсто од гласовите.
Субианто ги отфрли неофицијалните резултати кои покажуваат дека заостанува за 10 проценти зад Видодо.
– Ги повикувам нашите активисти да ја штитат нашата победа, изјави тој апелирајќи до поддржувачите да останат мирни и да не предизвикуваат насилство.
Над 192 милиона луѓе гласаа и за избор на членови на националниот и на регионални парламенти, за кои се кандидирани 245.000 лица.
Овие избори претставуваа најголемо гласањето во светот за еден ден, а избирачите гласаа на пет ливчиња за претседател, потпретседател и за пратеници во националниот и регионалните парламенти.