Над половина од испитаници ширум Русија изјавија дека позитивно гледаат на поранешниот советски лидер Јосиф Висарионович Сталин, соопшти руската агенција за истражување на јавното мислење Левада центар.

Според резултатите од анкетата, 51 отсто од испитаниците со почитување, обожување или симпатија гледаат на Сталин. Што е најголем процент од 2001 година од кога се анализира популарноста на поранешниот советски лидер.

Само девет отсто од испитаниците својот однос кон Сталин го опишале како антипатија или омраза, а 26 проценти изјавиле дека немаат никакви чувства кон него.

Сталин на чело на Советскиот Сојуз беше три децении, а кон крајот на 30-тите години од минатиот век спроведе големи чистки на неистомислениците, при што беа извршувани и масовни егзекуции.

Две години по чистките тогашниот СССР беше нападнат во Втората светска војна. Земјата изгуби десетици милиони луѓе. Русите се посебно горди на победата во Втората светска војна.

По смртта на Сталин во 1953 година во Советскиот Сојуз почна ограничена либерализација, а отстранети се спомениците и другите аспекти од култот на личноста.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2019 17:01