Заловени се вкупно 27 кучиња скитници од штипската населба „Сењак" и во централното градско подрачје кај Економскиот факултет. Бездомните животни се сместени во стационарот за кучиња скитници на локацијата Новакова Чешма, каде што денеска прес-конференција одржаа директорот на Ветеринарната станица-Штип, Крстo Митев и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.
Штипскиот градоначалник истакна дека со отворањето на стационарот веќе се решава проблемот со бездомните кучиња. Општината инвестираше еден милион денари во овој објект, а поради итноста од отварањето на стационарот склучен е договор со Ветеринарна станица-Штип.
-Многу е важно да кажеме дека веќе сме во фаза да добивање на дозвола, а во меѓувреме имаме употребна дозвола за шест месеци, а во овие три месеци склучивме договор на итни и неодолжни работи со Ветеринарната станица-Штип, за да врши заловување и третирање на бездомните животни од територијата на нашиот град. Очекувам во наредниот период да се добијат сите дозволи за отварање на стационарот за кучињата скитници, а во тек е и тендерот за да во наредните две години за фирма што ќе работи на заловување и на користење на стационарот, вели Бочварски.
Директорот на Ветеринарна станица-Штип, Митев истакна дека сите бездомни кучиња, кои се заловени им е земено крв за испитување на болеста лишманија, исто така се и чипирани, вакцинирани против беснило, а дел од нив се и кастрирани.
-Сметам дека добар дел од кучињата кои ги заловивме се здрави, а можам да кажам дека има и кучиња коишто покажаа присуство на лишманија. Досега имаме еутнизирано осум кучиња, за едно и денеска ни пристигна резултат. Што значи веќе девет кучиња се со присуство на лишманија. Знаете дека преку чувањето на здравјето на животните се грижеме и за здравјето на луѓето, вели Митев.
Тој додаде дека ваквките кучиња не треба да бидат низ улиците, бидејќи се потенцијална закана за зараза. Според проценките на Митев низ улиците во Штип има над 100 бездомни кучиња, кои треба да бидат третирани во стационарот, а веќе имаат и интерес од страна на граѓани да вдомат кучиња од прифатилиштето.
Штипскиот градоначалник, Бочварски истакна дека во целиот овој случај е вклучена и Невладина организација за заштита на животните, која прави увид каков третман имаат бездомните животни во стационарот.