Преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со седиште во Велес, а со финансиски средства во висина од 123 илјади 789 швајцарски франци на Швајцарската агенција за развој и соработка, до крајот на годинава ќе се реализира проектот за изградба на скејт парк кај спортската сала во Кавадарци, десет патеки за пешачење во Демир Капија, вклучувајќи ги и качувачките патеки по стрмните карпи во клисурата во Демир Капија, а во Општина Чашка ќе се изгради и огради пешачката патека до изворите на реката Бабуна.

Како што информира за МИА Марко Колев, раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, меѓу трите прворангирани предлог-проекти, за реализација токму на овој, во Министерството за локална самоуправа одлучила Комисијата за евалуација на предлог концептите, составена од двајца претставници на тоа Министерство, двајца претставници од Швајцарската агенција за развој и соработка и еден претставник од Кабинетот на заменикот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев.

– Со овој проект, во трите општини од Вардарскиот плански регион многу ќе се придонесе за збогатување на туристичката понуда, а со тоа ќе се придонесе и за развој на туризмот и привлекување на странски туристи, потенцира Колев.

Колев појасни дека реализацијата на проектот за изградба на скејт парк во Кавадарци и велосипедски и пешачки патеки во Демир Капија и Чашка ќе започне по изборите,а треба да биде завршен до крајот на годинава.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2019 19:04