Вредните раце на сестрите од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, изработија златовезена плаштаница со Христовото тело положено во гробот, за црквата „ Свети Николај Мирликиски Чудотворец“, во скопската населбата Аеродром.
-Изработката на плаштаници е древно и многу благородно занимање. Плаштаницата го симболизира Христовото тело положено во гробот и ова везено платно, украсено со Христовиот лик прекрасно го надополнува благолепието во храмот во најсветите моменти од богослужбата на Велики Петок. Раичкиот манастир кој веќе има изработено неколку плаштаници, во изминатиов период на Великиот Пост, со посебна љубов, се посвети на изработката на златовезена плаштаница и за храмот посветен на св. Николај Мирликиски Чудотворец во населбата Аеродром, Скопје,-велат сестрите од овој познат македонски женски манастир.
Додаваат дека плаштаницата е личен дар од благочестивото семејство Стефановски од Скопје, за свештенослужителот при споменатиот храм во Аеродром, отец Бобан Митевски.
-Овој ревносен свештеник, познавајќи ја особената љубов кон благолепието на браќата и сестрите од Бигорскиот и манастирот во Рајчица , а и посветеноста со вера и молитва да се изработуваат вакви свештени предмети за потребите на Црквата, посака токму од Раичката Обител да се нарача ова раскошно навезена реликвија,посочуваат сестрите.
Сестрите од овој манастир познати се и по изработката на митри, што е едно ретко ракоделие, единствено во нашата земја, што сестрите го имаат наследено од архимандрит Партениј – игумен на Бигорската света обител.
Митрите што овде се изработуваат веќе ги носат и многу епископи во светот, вклучувајќи ги тука и најсветите патријарси како Ерусалимскиот, Рускиот и неговата светост, Вселенски патријарх Вартоломеј.