Повеќе видови цветни декоративни грмушки и трендафили денеска беа засадени на кејот на Крива Река, со што симболично беше одбележан 22 април, Денот на планетата Земја.

Акцијата ја организираа локалната самоуправа на Општина Крива Паланка и Јавното претпријатие „Комуналец“ во соработка со ООУ „Јоаким Крчовски“, а учествуваа околу стотина луѓе: административни службеници вработени во општината и во комуналното претпријатие, вработени од училиштето и триесетина ученици од централниот објект на училиштето под менторство на наставникот Лазо Ѓоргиевски.

– Засадени се повеќе видови цветни грмушки, јапонска дуња и разнобојни трендафили долж пазарската патека, по течението на левиот брег на реката, во мајор коритото. Садниците ги набави Секторот паркови и зеленило, а нашите вработени извршија и подготовка на теренот до засадување, информира Миле Марковски, директор на ЈП „Комуналец“-Крива Паланка.

Тековно, вработените во претпријатието работат на засадување цвеќе на повеќе локации во општината, а се уредуваат и две нови јавни површини во градот што ќе бидат хортикултурно уредени.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2019 16:10