Раководството на МЗТ Скопје Аеродром одреди симболична цена од само 50 денари на билетите за утрешниот дуел против Задар на кој со евентуална победа, „сино-белите“ би избориле враќање во регионалната АБА лига.

Од МЗТ Скопје ги повикуваат своите навивачи во што поголем број да дојдат и да дадат поддршка на нивните миленици.

– Втор дуел од бараж-серијата за влез во АБА-лигата, во кој ќе се обидеме да дојдеме до клучната победа за враќање во јадранската елита. Ова дефинитивно е најважниот меч во досегашниот дел од сезоната во кој и тоа како ни е потребна помош од трибините. Затоа, дојдете во што поголем број да им дадете поддршка на избраниците на тренерот Кочов да го потврдат „брејкот“ од првиот меч во Хрватска. Билетите ќе се продаваат на денот на натпреварот по цена од 50 денари, стои во известувањето од таборот на „аеродромци“.

Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Задар ќе се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2019 16:33