Охриѓани вчера уште еднаш ја покажаа и ја потврдија својата одлучност за подобра иднина на нашиот град. Имавме исклучително мирни, фер и демократски избори, на кои јасно беше изразена волјата на граѓаните. Големата предност која ја имаме од над 2.400 гласови, е сигурен сигнал дека само заедно можеме и мораме да продолжиме напред. Тоа денеска го порача Констатин Георгиески, кандидатот за градоначалник на Охрид на коалицијата предводена од СДСМ.
Заблагодарувајќи им на граѓаните на укажаната доверба, тој изрази уваерување дека на 5 мај во вториот круг од изборите таа ќе биде уште помасовна, за да се оствари уште една голема победа во Охрид.
-Имаме реални планови за доброто на сите граѓани, ги препознаваме приоритетите за развој на Охрид и цврсто сме определени да одиме напред, да работиме посветено за да ги постигнеме и реализираме сите зацртани цели во нашата Предизборна програма! Охрид има огромни потенцијали, но само низ заедничка соработка може да го направиме посакувано место за живеење и светска туристичка дестинација, вели Георгиески.
Георгиески вчера ја доби поддршката на 13.037 граѓани на Охрид, пред противкандидатот од ВМРО ДПМНЕ Митре Милошевски кој освои 10.614 гласа. Бидејќи ниту еден од нив не го надмина законскиот цензус, охирѓани идниот градоначалник ќе го изберат во вториот изборен круг на 5 мај.