Митре Милошевски, кандидатот за градоначалник на Охрид на ВМРО ДПМНЕ кој ќе се бори за функцијата и во вториот круг на 5 мај, денеска изјави дека наредниот период до вториот круг ќе се посвети на поголема активност на терен.
– Тоа ќе го направиме и ќе докажеме дека нашиот концепт за „Убав град“ е единствениот што може Охрид да го извади од оваа состојба. Ние мора силно да ги мотивираме членовите и симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ во што поголем број да излезат и да го поддржат концептот „За убав град“, рече Милошевски.
Тој им честита на противкандидатите кои испаднаа од изборите со освоените над три илјади гласа, оценувајќи ги како морални победници.
Што се однесува на изборниот процес, Милошевски забележа на како што рече, неправилности како градежни активности во предизборен молк, присуство на функционери на локалната власт блиску до избирачки места, меѓу кои и в.д. градоначалникот на Охрид, противкандидатот за во вториот круг Константин Георгиески.
Што се однесува на релативно слабата излезност на изборите, тој смета дека тоа е резултат на изгубената доверба на народот во политичарите.
– Народот е презаситен од вакви политики, многу очекувања во минатото беа изневерени, се помала е вербата во политичарите. Едно од најчестите прашања што ги слушав кога одевме по домовите на охриѓани беше: Со што ти ќе ме убедиш дека нема да ме излажеш исто како и претходниците кои ме излажаа? Тоа е една од причините што народот во мал број излезе на овие избори, но сепак јас ги повикувам да имаат верба, да бидат поодлучни и да излезат во вториот круг во што поголем број, со цел идниот градоначалник, а тоа се надевам дека ќе бидам јас, да има полн легитимитет кога ќе влезе во општината, рече Милошевски.