За два часа ученици и волонтери на десет невладини организации од Тетовско собраа над 100 најлонски вреќи смет по повод заедничкото одбележување на Денот на планетата Земја и акцијата за собирање фрлени и несобрани отпадоци. Се собираше отпад на десетина разни локации низ Тетово.
– Унијата на средношколци и волонтерите на граѓанските здруженија дојдоа денеска да собереме отпад онаму каде што е оставен фрлен и не е собран од комуналното претријатие. Дел од сметот го донесовме тука на градскиот плоштад и симболично правиме куќа. Со тоа сакаме да покажеме на надлежните дека има толку многу смет во Тетово што од него може да се направи еден дом, рече Метин Муареми од Центарот за едукација и развој, една од невладините организации кои учествуваа на настанот.
Во акцијата учествува неколкумина волонтери во граѓанските здруженија кои се дојдени од други земји на студиски престој.
Али Таш (20) од Измир вели дека со задоволство учествувал во акцијата зошто му смета толку многу отпад кој го гледа по улиците на Тетово.
– Јас сум пушач и кога завршувам со пушење најчесто тука во Тетово немам каде да фрлам отпушок. За разлика од кај нас нема посебни места за фрлање отпушоци па луѓето гледам дека насекаде фрлаат и цигари, но и смет. Јас се обидувам да го носам отпушокот до наредната канта за отпадоци, вели студентот Али.
Дел од сметот во акцијата остана на самите места на собирање, а беа повикани комуналците да го соберат и однесат на депонија.