Голема еколошка акција се реализираше денеска во Кавадарци се чистеше отпадот од патот од кавадаречкото село Возарци кон Тиквешко Езеро. Со тоа беше одбележан денот на планетата Земја.
Во акцијата беа вклучени младите од невладината организација “Еко-живот”. Претседателот на друштвото, Роберто Паризов ја поздрави соработката со локалната самоуправа и Јавното претпријатие “Комуналец”.
Сузана Шалева, шеф на кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, рече дека во 2018 година Кавадарци се најде на второто место при изборот на еко општина во државата. Изминатиов период од година ипол, нагласи таа, комуналното претпријатие интензивно и со поголем капацитет работи на чистење на сите диви депонии.
-Благодарение на ваквата соработка со еколошките друштва, се надеваме дека оваа година ќе го освоиме првото место како еко општина. Кон тоа се стремат и комуналното претпријатие и вработените во „Мој општинар”, како и сите други служби во општината. Нивното мото е „чисто и убаво Кавадарци”, додаде Шалева, која и самата учествуваше во акцијата.
Маја Миткова од „Еко-живот”, рече дека целта е да се подигне еколошката свест кај населението, за почиста и поздрава животна средина. свд/сст/