Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром попладнево ги очекува вториот натпревар од баражот за влез во АБА-лигата против Задар. Тренерот Ѓорѓи Кочов побара од своите избраници да заборават првиот дуел на кој „аеродромци“ триумфираа.
– Ова е исклучително важен натпревар како за нашиот клуб така и за целокупната македонска кошарка. Свесни сме дека Задар е силна и искусна екипа, која без разлика на сѐ мора и тоа како да се респектира. Првиот меч мора да го заборавиме и не смееме да размислуваме премногу што ни носи триумфот на овој дуел, туку мора да се фокусираме да одиграме со уште поголема енергија и ангажираност. Противникот сезонава игра подобро на гости, факт кој никако не смееме да го занемариме. Се надевам дека со помош од домашната публика, моите играчи ќе одиграат и над моментните можност за да може на крајот сите заеднички да славиме, изјави Кочов за клупскиот сајт.
Досегашниот биланс на меѓусебните мечеви е 7:6 за хрватскиот тим, па со евентуална победа, МЗТ ќе изедначи, а што е поважно ќе избори учество во АБА лигата следната сезона.
Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Задар ќе почне во 18 часот во СЦ „Јане Сандански“.