Охрид е позната туристичка дестинација и мора да има стратегија во туризмот. Туризмот и угостителството имаат голем потенцијал за понатамошен напредок и развој во сите нивни сегменти и заради тоа дефинирањето на насоките, целите и задачите е од основна важност за развој на нашиот град. Отворањето можности за нови вработувања во туризмот и угостителството ќе бидат примарна цел со помош на формирање претприемачки инкубатор за нови бизниси за млади лица како и изработка на студија за мапирање на стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид. Тоа денеска пред граѓаните на Охрид го порача Митре Милошевски, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за иден градоначалник.

Во насока на унапредување на туристичката понуда на градот, Милошевски рече дека во предизборната програма има подготвено сеопфатна стратегија со која јасно и прецизно се дава одговор на три значајни прашања, каков туризам треба да развива градот, кои се клучните предуслови за развој на туризмот и како да се привлекуваат поголем број туристи.

Притоа Милошевски рече дека ќе се работи брендирање на понудата, продолжување на сезоната, развивање на туризмот на целата општинска територија, со разновидна, иновативна и прилагодлива понуда согласно преференциите на туристите.

Како предуслови за развој тој ги посочи долгорочната заштита на просторот и одржливо управување со екосистемот, конкурентност и атрактивност за инвестиции, активирање на државниот имот со цел туристички развој, зголемување на знаењата и вештините на сите нивоа, дестинациско управување, додека во насока на привлекување гости најави дека ќе се работи на унапредување на гостољубивоста, квалитетот, автентичноста, разновидноста на содржини и доживувања, како и поголема безбедност на гостите.

– Ние не сакаме Охрид да тапка во место, ние сакаме Охрид секој ден да се движи кон нови пазари, да вработува нови луѓе, да ја збогатува туристичката понуда, да станува сè поконкурентна туристичка дестинација која создава нови мотиви за доаѓање на странски и домашни туристи, не само во летните месеци, туку и во текот на целата година, рече Милошевски притоа нагласувајќи дека во разработката на долгогодишна стратегија ќе учествуваат врвни експерти од Факултетот за туризам и угостителство кои имаат капацитет детално тоа да го обработаат, да го направат, како што рече „Охрид да биде конкурентен во 21 век“.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2019 17:59