Двојно е зголемен бројот на пожари во Неготинско и Демиркаписко во споредба со истиот период лани, за МИА потврди Иле Илиев, командир на Територијалната противпожарна единица во Неготино.

– Од почетокот на годината до денес имаме регистрирано 80 пожари. Синоќа имаше пожар во неготинското село Тимјаник, изгоре кровна конструкција од индивидуален станбен објект. Пожарот беше пријавен во 19:10, а со две возила и четири пожарникари се интервенираше до 21.30 часот, соопшти Илиев.

Тој апелираше до неготинци и демиркапијци за поголема внимателност и преземање на превентивни мерки за противпожарна заштита.

Нагласи дека во овој период од годината, особено треба да се внимава да не се предизвика пожар при горење на отпадот што останал по резидбата на виновите лози во лозјата, во најголемиот лозаровинарски регион во државата затоа што неретко настануваат пожари при палење на исечените лозови гранки.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2019 18:02