Кандидатот за претседател на Македонската кошаркарска федерација, Перо Антиќ денеска ја претстави својата програма доколку го добие мандатот на претстојното Изборно собрание. Поранешниот македонски репрезентативец вети враќање на клупската и репрезентативна македонска кошарка на старите патеки.

Од обемната презентација може да се заклучи дека приоритети на Антиќ доколку стане претседател на МКФ ќе бидат финансиски бенефиции за клубовите, подобри услови како за репрезентациите во сите категории, така и во сите клубови, развој и популаризација на женската кошарка, воведување посебен сектор – маркетинг, обезбедување можност за напредок на тренерите кои работат со сите возрасни категории,…

– Потребен е генерален спонзор за сите лиги. Тоа ќе ни овозможи намалување, па се до укинување на котизациите кои сега се високи. Имаме намера да воведеме награден фонд, па победниците освен трофејот и сатисфакцијата да добијат и финансиски средства. Ќе лобираме за поголема застапеност на женската кошарка. Федерацијата треба да биде сервис на клубовите, а не обратно, рече Антиќ во дел од неговото обраќање.

Во тимот на Антиќ место ќе има и за поранешниот репрезентативец Тодор Гечевски кој зборуваше за репрезентацијата.

– Репрезентацијата мора да ги има сите потребни услови, од тренери до опрема, премии и слично. Ќе се фокусираме и на младинските категории од каде би произлегле идните носители на сениорскиот тим, истакна Гечевски.

На промоцијата на која беа присутни многу поранешни и сегашни кошаркари, тренери, спортски работници, беше презентирана и идејата за основање на лига на ветерани во која би настапувале поранешните играчи.

Антиќ на крајот апелира за фер-плеј на претстојното Собрание без политички игри.

– Да ја тргнеме политиката од спортот. Мислам дека и заложба на власта е спортот да биде оставен на спортистите, нагласи кандидатот за прв човек на МКФ.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/04/2019 14:08