Со доделување на наградите од литературниот конкурс „Волшебниот свет на книгата“, Домот на културата „Драги Тозија“ од Ресен го одбележа Светскиот ден на книгата и авторското право – 23 Април.

Директорот на Домот, Васко Василевски информира дека од пристигнатите 40 дела од ученици од основните училишта во Преспа издвоени биле шест, меѓу кои била доделена и специјална награда.

– Литературните дела беа испраќани под шифра, а најдобрите шест беа издвоени и доделени три трети награди, две втори и една прва. Специјална награда за расказ доби текстот под шифра „Окце“, истакна Василевски.

Првпат годинава, додаде, била доделена награда за текст напишан на албански јазик, а наградите за најуспешните ученици се книги подарок од ресенската библиотека.

– Ги охрабрувам сите учесници на конкурсот, но и останати ученици да продолжат да пишуваат и да читаат. Со тоа се надградуваат, го збогатуваат својот фонд, но се надевам дека еден ден ќе станат врвни автори и ќе ги промовираме нивните книги, тука во ресенскиот Сарај, нагласи Василевски.

Пред присутните беа прочитани и годинашните пораки од генералниот директор на УНЕСКО Одре Азуле и режисерот Милчо Манчевски упатени по повод Светскиот ден на книгата и авторското право.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/04/2019 16:36