Изложба на ракотворби „Пролетта во бои“ изработени од лица со попреченост денеска беше отворена во Кавадарци. Изложени се преку 200 ракотворби изведени на стакло, платно, керамика, пластика. Делата се создавани преку шиење, везење, печење, синтеза на повеќе уметнички техники.
Организатори на изложбата се кавадаречката Музеј галерија во соработка со Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака Неготино“ од Неготино и градоначалникот и Совет на Општина Кавадарци.
– Изложбата е прва од овој вид, продажна и со хуманитарен карактер. Презентираните креативни ракотворби изработени од вештите раце на корисниците од „Порака Неготино“ од Неготино ќе имаме можност да ги купиме, а средствата ќе бидат наменети повторно за нив, да ги употребат за идни креации и презентации бидејќи тоа навистина го заслужуваат, рече Весна Ѓорѓиева, директор на Музејот.
Верица Ташева, раководител во дневните центри за лица со попреченост во „Порака Неготино“ се заблагодари на кавадаречката локална ссмоуправа, Музејот и на советничките Виолета Димитрова и Анита Каракутова, кои биле иницијатори за една ваква изложба.
– „Порака Неготино“ е организација на лица со попреченост во менталниот развој и нивните родители. Се работи на две програмски подрачја. Организирано живеење со поддршка при процесот на деинституционализација, во моментов се сместени 86 лица со попреченост во станбени единици-семејства во Неготино и Скопје. Второто подрачје се дневните центри во кои се реализираат голем број активности, рече Ташева.
Виолета Димитрова, советник во кавадаречкиот Совет, нагласи дека изложбата дава можност за информирање и запознавање одблизу со талентот, уметноста и креативниста на учесниците во неа, нивните способности и вештини при изведбата на ракотворбите.