Во пресрет на Велигден, заврши целосната реставрација на двете странични рипиди (херувими) на бигорскиот литиен крст од 1814 година.
– Овој прекрасен комплет за литии е изработен од сребро, со делумна позлата. Своина е на Бигорскиот манастир, но, според раскажувањето на нашиот почитуван митрополит г. Тимотеј, во комунистичкиот период, кога во манастирот немало монаштво, додека се снимал играниот филм „Банович Страхиња“ (почетокот на 80-тите години од минатиот век), крстот и рипидите биле однесени во Охрид од страна на некои чесни луѓе и предадени на познатиот охридски кујунџија, г. Вангел Деребан. Тој ја завршил неопходната конзервација и чистење на овие скапоцени свештени предмети – велат од бигорската обител.
Во почетокот на 90-тите години сега починатиот Деребан му ги предал на надлежниот владика, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој прво ги положил во митрополитската ризница за црковни работи, а по обновата на соборниот храм на Охридските архиепископи, Света Софија Охридска, ги поставил во нејзиниот олтар.
– Кога се исполни времето, на празникот Педесетница, 27 мај минатата година, нашиот богољубив и монахољубив архипастир ѝ ги врати крстот и рипидите на Обителта на која отсекогаш ѝ припаѓале. Набрзо, нашиот Старец, архимандрит Партениј, воден од желбата да им го врати првобитниот сјај на овие значајни за нашиот манастир светињи, и имајќи го благословот на митрополитот, ги предаде на реставрација во рацете на еден од најдобрите реставратори за ваков вид нешта, г. Јоргос Триандопулос од Солун. Процесот на очистување и реставрација на оштетените и загубени делови заврши деновиве, токму во пресрет на Воскресението Христово. Најпосле крстот и рипидите заблескаа со сета своја убавина – посочуваат од Бигорскот манастир.
Крстот е изработен во 1814 година во Елбасан, по нарачка на бигорскиот игумен, архимандрит Арсениј. На него релјефно се прикажани: Распетието Христово, Крштението Господово и празникот Отсекување на главата на Свети Јован Крстител. На краците лево и десно е прикажан плачот на Пресвета Богородица и на Свети Јован Богослов, под Крстот на Голгота. Од другата страна, на централното место е претставен Господ Исус Христос како Велик архиереј, а од страните – симболите на четворицата евангелисти.
Новоизработениот крст ќе продолжи да го краси олтарот на храмот на Премудроста Божја во Охрид.