Од гевгелиското село Негорци денеска влубениците во возачките способности и перформанси на теренските возила, во рамки на петтото „Оф роуд Кожуф 2019“ го почнаа престојот и другарувањето по недопрените природни убавини на таа планина.
По тргнувањето од Негорци, учесниците со џиповите преку селото Кованец се упатија за Дрен, а од таму продолжија за Демир Капија. По краток одмор од Демир Капија се тргнува за Була и преку Радња треба да се стигне на целта во Ски центарот „Кожуф“ откако ќе се извози маршрутата долга околу 160 километри.
Организаторите велат дека целта е првенствено да се промовираат недопрените природни убавини и недоволно познатите дестинации во нашата прекрасна земја и да се другарува преку заедничко совладување на природните пречки по планинските патишта во близина на македонско-грчката граница.