Прилепчани денеска на Велипеток масовно ги посетија верските храмови, особено најголемата црква „Свето Благовештение“.

На Велипеток велат доаѓаат на целивање, а и, според обичаите да купат нешто за здравје и бериќет. Традиција е, особено да се купи нешто земјено, тава или грне. Тоа го знаат македонските врвни грнчари кои не пропуштаат на Велипеток, пред Велигден да им ги понудат своите производи на прилепчани.

Четириесет и тригодишниот грнчар од Вранешница, Кичевско Горан Стојаноски вели само во Прилеп и во Крушево на Велипеток се купува според традицијата.

– Секогаш на Велипеток сум во Прилеп. Се купува нешто земјено, посебно тавите, грнињата, чиниите. Така било адет и така останала традицијата. Во Вранешница, кичевско останаат уште 10-тина грнчари, врвни мајстори кои умешно ги изработуваат овие тави, грниња. Мора да се работи, објаснува мајсторот грнчар Стојаноски, нагласувајќи дека за врвниот квалитетен производ најбитна е вештината на мајсторот.

Синка Ѓорѓиоска (72) од Вранешница, Кичевско истакна дека добро се продаваат нејзините производи на Велипеток во Прилеп.

-Не знам зошто, ама таков е овде во Прилеп адетот да се купи нешто земјено на Велипеток, а и готвењето е многу повкусно во земјена тава или во грне. Мора да се живее, да се продава. Јас цел живот сум по пазарите, вели Ѓорѓиоска.

Прилепчани нагласуваат дека традциите и обичаите за Велигден се големи. Велигденските јајца се вапсани, се чисти домот, а в недела на големиот празник во Прилеп според традицијата, децата, облечени во нова облека ги посетуваат роднините и пријателите кои им даруваат велигденско јајце.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2019 02:46