Локалната самоуправа на Чешиново-Облешево обезбеди финансиска поддршка од Министерството за земјоделство во висина од околу 21 милион денари со кои ќе реализира два важни инфраструктурни проекта во пет населени места.

Преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој обебзедени се 20 милиони денари за изградба на фекална канализација во селото Бања, а со над 750 илјади денари ќе се реализира реконструкција на јавните чешми со партерно уредување во селата Бурилчево, Теранци, Спанчево, Бања и Соколарци.

– Со парите што се добиени ќе се изгради целосно нова канализациска мрежа во Бања со должина од над пет километри, од кои 1050 метри се главна колекторска линија, а остатокот отпаѓа на примарната мрежа до домаќинствата. Се работи за многу важен инфраструктурен зафат, на чија реализација околу 500 жители на ова село чекаа со децении. Јавните чешми во петте села пак, покрај нивната основна улога, како места за собир се дел од традицијата на населението, поради што со обновувањето повторно сакаме да ги вратиме во функција, истакнаа од одделението за односи со јавноста на Чешиново-Облешево.

Во наредниот период ќе биде распишан јавен повик за избор на изведувач на градежните работи, а реализацијата на двата проекти се очекува да започне по завршување на изборниот процес.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2019 14:13