Најголемото комунално претпријатие во источниот регион „Исар“ – Штип почна да работи со добивка. Според директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев, ова се должи на штедењето и инвестирањето во нови машини, кои им помагаат на екипите во санација и изградба на водоводни и канализациски мрежи.
– Нашиот финансиски извештај покажа дека 2018 година ја завршуваме со десет милиони денари добивка, за разлика од 2017 година кога имавме толкава загуба, рече Тасев.
Најголеми инвестиции имаат во изградбата на два нови бунара со проток од 30-35 литри во секунда вода за пиење, со што овие дополнителни количини го прават и стабилен дистрибутивниот систем. Во Штип се изградени и нови водоводни линии од три километри, а канализациската мрежа е во должина од два километра.