Тренерот на македонскиот вицешампион МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, по вечерашниот пораз од Задар (86-75) во мајсторката во баражот за пласман во АБА лигата, изјави дека шансата за враќање во елитното регионално кошаркарско натпреварување ја пропуштиле на претходниот натпревар во Скопје.

– Честитки на кошаркарите на Задар за денешната победа и триумфот во серијата. Шансата за враќање во АБА лигата ние ја пропуштивме на претходниот дуел во Скопје. Вечерва многу ни недостигаше Бојиќ. Нивната игра под кошот ни создаде многу проблеми. Успевме да се вратиме и да влеземе во егал-завршница, но немавме сили за пресврт, изјави Кочов.

МЗТ Скопје веќе од утре треба да размислува за битката за титулата во домашното првенство, во која треба да се соочи со својот најголем ривал – Работнички.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2019 03:40