На градскиот плоштад во Тетово утре 2-ри мај ќе бидат изложени цртежи и фотографии во рамки на финалната изложба на проектот на уметноста „Слобода, Еднаквост, Креативност” што го организираат Француската Алијанса во Тетово и невладината организација „Лоја“, со поддршка на Амбасадата на Франција во Скопје и Општина Тетово. Отворањето на изложбата и хепенингот е со почетокот во 17 часот.
– Оваа изложба е плод на работата на Аријан Џафери од Тетово, млад уметник од областа на уличната уметност, како и група од десетина млади луѓе од Тетово и регионот. Во рамки на вкупно пет работилници тие имаа можност да запознаат и да ја откријат практиката на уличната уметност на улиците во Тетово,а при тоа да разговараат заедно преку уметноста,за прашањата околу животната средина и екологијата, најавуваат организаторите.
Како гости се очекуваат градоначалничката Теута Арифи и францускиот амбасадорот Кристијан Тимоние. Во случај на дождливо време, изложбата ќе се одржи во просториите на здружението „Лоја“.