Нема да ги лажам охриѓани, проектите кои се во мојата програма, ветувам дека ќе бидат барем започнати- оние кои не се приоритет, додека првите точки од планот ако станам градоначалник давам збор оти ќе бидат остварени, порача вечерва во емисијата Отворено на Алфа, кандидатот за прв човек на Охрид од опозициската ВМРО ДПМНЕ, Митре Милошевски.

-За дел од проектите од мојата програма нема време, но ќе докажам дека сакам да работам, и за оние кои се наведени ќе ги завршам тендерските проекти, и ќе ги почнам оние работи што можам да почнам. Но нема да ги лажам дека, на пример, Аква-паркот ќе биде готов или адреналинскиот парк ќе го завршам. Ама, апсолутно бесплатните оброци, здрава храна во градинките и други суштински проекти кои треба да се обезбедат се приоритети и ќе се направат, вели Милошевски.

Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ вели оти неговиот тим има предвидено три врвни стратегии за младите луѓе да се задржат дома, оти вели иселувањето е општ проблем на сите градови во целата држава.

-Првата стратегија е за локален економски развој на Охрид, оти мора да знаеме како ќе се развива и во кој правец ќе се движи градот. Втората е локален и снажен туристички развој. Сезонски, хотелиерите тријат раце, но што правиме од септември до јули? Ќе направиме 12 –месечна туристичка сезона во Охрид, со развивање на археолошки туризам, планински туризам, културолошки...општината мора да им помогне на хотелиерите. Третата стратегија е да се даде приоритет во кој младите, на пример, електроинженери нема да бегаат во странство, вели Милошевски.

Според него слабата излезност во Охрид во првиот круг се должи на недовербата на Охриѓани и верува дека сега луѓето стануваат посвесни.

-Сега го имаме допрено дното, но ако останеме тука ништо нема да направиме, мора да ги промениме нештата, вели кандидатот на ВМРО ДПМНЕ.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2019 01:46