Кандидатот за градоначалник на Охрид, Константин Георгиевски, вечерва во емисијата „Отворено на Алфа“ порача оти имал план за деблокирање на сметката на општината, ама не откри каков.
Зборуваше од Охрид, не можел заради обврски да дојде во студиото на Алфа и да се соочи со противкандидатот од опозицијата Митре Милошевски.
На прашањето каков е вашиот план за блокираната сметка, Георгиевски со одговор:
- Ќе видите после избори. Секоја идеја кошта пари, неколку опции се на маса. Едната опција е со помош на домашни или странски кредитори, преку конкретна динамика на враќање. Инаку, градот има судска рамка од 50 милиони денари во моментот, мислам дека кончено со завршување на нашиот мандат, Охрид ќе добие деблокирана сметка. Годинава вративме дел благодарение на Владата. Остатокот од средствата ќе ги обезбедиме според нашиот план, конкретен и многу брзо после изборите ќе следат чекори за него, вели Георгиевски.
На прашањето дали и кој му должи на градот, и дали тоа би можело да помогне во деблокирањето, тој вели оти очекуваат прилив, но не нагласи од кого.
Ја критикуваше политичката култура на Милошевски, посочувајќи дека водел против него специјална војна, во кампањата, креирана од други центри на моќ, преку меѓунационална омраза, црни и лажни вести.
Демантираше било какво партнерство со Жарко Лукоски, екс-директорот на Телеком, и близок човек на Мијалков, односно дека имаат заеднички бизниси.
Тоа е јавна информација што и децата можат да ја проверат, плацот е купен од мојот родител во 2006 кога Жарко Лукоски е обичен бизнисмен. Купено е како градежно земјиште, но со поништување на планот на тој потег таму, од градежно земјиште е трансферирано во пасиште, и така во моментот стои на имотниот лист. Ако малце ги знаат законите, ќе видат дека од таков плац не може да се направи физичка делба со Жарко, а јас го добив од мојот родител како подарок. Ниту сум имал поинакви релации, бизнис или слични како што пишуваат во текстот креиран во кујните на ДПМНЕ, а и немам друг коментар, вели за „Алфа“ Георгиевски.
Во врска со претседателот на огранокот на ДУИ во Охрид, Нефи Усеини, кој нелегално гради кај стариот Чинар, и за кој се тврди дека е под закрила на СДСМ, Георгиевски тврди дека се што е нелегално почнато да се гради нема да биде легализирано.
-Ние сме коалиција на централно и локално ниво, но тоа е политика. Ако тој градел нелегално кај Чинарот, никогаш нема да се легализира. Во општината има повеќе предмети кои се нелегални, ама кога ќе пристапиме на позицијата во локалната самоуправа, ќе ги реализираме до крај односно нема да се легализираат, смета Георгиевски.